| |
Вести
| |
НЕПОТИЗАМ - најдобриот пријател на универзитетските уписи
Во вторник, 28.06.2011, Младински образовен форум ги презентираше резултатите од истражувањето во кое се анализираат степенот, механизмите, мотивите и субјектите вклучени во коруптивни активности при процесот на упис на факултет . Истражувањето се базира на анкетата спроведена помеѓу 330 студенти од 5 различни факултети при УКИМ ( Правен, Филозофски, Филолошки, Машински и Електротехнички ), како и на две фокус групи. 1. Резултатите од реализираните анкети, се следниве: · Како студентите ги рангираат проблемите во високото образование според важноста? 82% од испитаниците се изјасниле дека најголем проблем во високото образование претставува неодговорното пристапување кон студиите од страна на студентите. Второ рангиран проблем е ниското ниво на обученост на академскиот персонал (81%). 79% го сметаат нискиот квалитет на високото образование за важен проблем, додека проблемот со корупција е рангиран на 4 место (69%). · Колку е прифатлива корупцијата од страна на студентите? 25% од студентите изјавиле дека би учествувале во давање пари, подароци или услуги при упис на факултет како и за добивање на стипендија. 23% би го сториле тоа со цел положување на испит, додека 20% го оправдуваат давањето пари, подароци или услуги доколку се работи за стекнување на легло во студетски дом. · Дали и во кој случај студентите би пријавиле корупција со цел нејзино спречување? 36% од испитаниците не би пријавиле давање пари, подароци или услуги преку медијатор, додека 34% не би пријавиле давање пари, подароци или услуги кога е во прашање факултетската администрација. Исто толкав процент не би пријавиле манипулација со квоти за малцинство. Од коруптивните активности, 44% од испитаниците би пријавиле манипулации со конечните списоци за уписи, додека 43% би пријавиле доколку се запознаени со случаи на фалсификување свидетелства.

· Кои се најчестите форми на коруптивни практики при упис на факултет? 63% од испитаниците одговориле дека познаваат некој кој користел пријателски врски за упис на факултет, додека 60% од испитаниците се запознаени со случаи во кои некој користел партиски или роднински врски. 46% од испитаниците се запознаени со манипулација со квотите за малцинства, 41% со давање пари, подароци и услуги на факултетската администрација, а не е непозната ни ситуацијата кога пари, подароци и услуги се даваат на трето лице, преку медијатор ( 37%). · Кои се најчести иницијатори на корупција при процесот на запишување на факултет? За најчест иницијатор на корупција при процесот на запишување на факултет, студентите се лоцираат самите себе (26 %). Втор најчест иницијатор се политичките партии (24%), додека професорите се иницијатори во 20% од случаите, а самата администрација во 19%. · Кои се причините кои ги мотивираат студентите да учествуваат во коруптивните активности при упис на факултет? Како најчеста причина се наведува притисокот кој го вршат родителите врз потенцијалните студенти (87%), а 79% се изјасниле дека би учествувале во коруптивни активности при упис затоа што сите го прават тоа. Не е за потценување ни тоа што 74% од испитаниците сметаат дека критериумите за упис се премногу строги, па со тоа ги оправдуваат своите постапки. 49% ја наведуваат преголемата конкуренција како мотив за вакви постапки, а 40% го наведуваат влезот во државна квота како причина за учство во корупција при упис.
· Кои се причините поради кои студентите не би пријавиле корупција при процесот на упис на факултет? 91% од испитаниците сметаат дека актот на пријавување би бил против нивниот личен интерес. Високи 90% се изјасниле дека не би сакале истото да им се случи и ним, додека 78% не ги засега оваа појава. 73% сметаат дека со пријавување кај надлежните органи само би ја влошиле сопствената ситуација. Индикативно е тоа што 60 % од испитаниците не би знаеле каде да пријават корупција, дури и ако сакаат тоа да го сторат. 46 % сметаат дека со пријавување на корупција ништо не би промениле. · Доколку постои иницијатива да се пријави корупција која се случила при процесот на упис на факултет, дали студентите знаат каде да го сторат тоа? 42% од испитаниците одговориле дека би се обратиле до Анткорупциската комисија, 26% кај Студентскиот правобранител, а 20% во Министерство за образование и наука. Само 6% би ја доставиле својата жалба до СПУКМ или одделот за студентски прашања. 2. Резултатите од фокус групите се следниве: · Една учесничка на фокус групите посочи дека нејзина пријателка лажно се пријавила како Влаинка при упис на факултет со цел да ја искористи државната малцинска квота за Власи. · Друг учесник посочи на сличен случај каде негов пријател извадил извод од матично каде се претставува како Босанец, иако никогаш претходно не се претставил како таков. Изводот го употребил при упис на факултет со цел да ја искористи соодветната малцинска квота. · Сите учесници на фокус групите тврдеа дека не знаат каде може да се пријави корупција во процесот на уписи на УКИМ. · Речиси сите учесници сметаа дека пријавувањето на корупцијата ништо не би променило. Истражувањето е изведено во рамките на проектот Анти-корупциска студентска мрежа (Anti-Corruption Student Network – ACSN). Во оваа мрежа, од 2004-та година, 5 држави од Југоисточна Европа соработуваат во креирање и имплементација на универзална методологија за мониторинг на корупцијата во високото образование. .

Анализа на студентската и академската мобилност: „Сонуваме да патуваме“
Младински образовен форум на 27.01.2011 година, во ЕУ Инфоцентар, одржа јавна трибина на која ги презентираше резултатите од истражувањето на тема “Мобилност на студенти и академски кадар”. Овие резултати се публикувани во брошурата “Сонуваме да патуваме”. Истражувањето се спроведе преку 420 испратени барања до институции кои се иматели на информации од областа на високото oбразование. Мобилност на студенти и на академскиот кадар е една од најзначајните постулати на Болонската декларација и како таква МОФ смета дека е многу битна за унапредување на квалитетот на високото образование. Резултатите од истражувањето укажуваат дека од испитаните факултети: сеуште има факултети на кои ниту еден студент не искористил некоја од програмите на Европска Унија за мобилност, факултетите немаат унифицирани критериуми со кои би се врашела селекцијата за студенска и академска мобилност, отсуствуваат промотивни активности од кои стдентите би можеле да се информираат за мобилноста. Како заклучок кој произлезе од спроведеното истражување е дека мобилноста на студентите и на акдемскиот кадар во Р. Македонија е на многу ниско ниво. Петар Димитров од Младински образовен форум изјави: “Како клучни пречки за остварување на студентската мобилност ги идентификувавме недостигот на информации и финансиски средства за префрлање на посакуваниот факултет, како и сложената процедура на прибирање на потребните документи. Пасивноста на факултетите при промоцијата на стипендиите и нискиот степен на транспарентност при нивната распределба се силни демотиватори за студентите кои размислуваат да аплицираат. Единствено преку активна и транспарентна партиципација од страна на факултетите може да се надминат овие пречки и да се постигне посакуваниот степен на мобилност во високото обазование.” На темата свои видување даде проф. Д-р Зоран Поповски кој изјави “МОФ уште еднаш докажува дека е совеста во високото образование. Ова истражување потсетува дека Болоња не е фикција, туку реалност која треба да се креира и преку мобилноста на студентите и академскиот кадар како услов за унапредување на квалитетот во високото образование. Во брошурата се поместени бројни согледувања и препораки, како мобилноста да се претвори во алатка за интернационализација на високото образование и науката.” Повеќе информации за резултатите од може да се најдат во брошурата „Сонуваме да патуваме“.  
Студентскиот живот не е куклена претстава
Каков студентски парламент заслужуваме? Дали студентското организирање какво што е моментално ги штити и се бори за студентските интереси и права? Што се дискутира на седниците на студентскиот парламент? Го знаеме претседателот, но кои се парламентарците? Ова се само дел од прашањата кои ги постави денес Младински образовен форум со акцијата симболично насловена “Студентскиот живот не е куклена претстава“ која точно на пладне се оддржа на улица Македонија. Од левата страна на платото пред Дом на АРМ седница оддржа студентскиот парламент каков што е во сегашноста, со анонимни ликови, гласање без дискусија, нетранспарентно и без отчет. Од десната страна на платото беше симулирана седница на студентски парламент каков што посакуваат студените. Разнобојни маици како симбол на различноста на интересите, кренати раце за дискусија, поставување на дневен ред на сите горливи проблеми на студентскиот живот, парламент во кој секој има право на глас и право да биде слушнат.  За сите минувачи по улица Македонија јасна беше разликата помеѓу реалноста и идеалот во студентското организирање. Пораката која со акцијата “Студентскиот живот не е куклена претстава“ беше пренесена е дека на студентите им е доста од тоа да бидат нечии марионети. Воедно, се промовираше и Декларацијата за промени во студентското организирање зад која застанаа многу студентски организации. Декларацијата повикува на создавање на неполитизиран, независен и стабилен студентски систем.
МОФ за акцијата Статија во Форум за акцијата Статија на МРТ за акцијата
Стив Наумов во распаѓање
Живот во сопче полно со провев
Статија за условите во студентскиот дом Гоце Делчев претставени преку секојдневието на две студентки.

Кредит-трансфер системот слабо функционира во Македонија
Европскиот Кредит Трансфер Систем на нашите факултети слабо функционира, покажа истражувањето на Младинскиот Образовен Форум. Резултатите од истражувањето, кое опфати седум факултети во Македонија (шест факултети од Универзитетот Кирил и Методиј и Европскиот Универзитет), покажаа дека само на еден факултет работи ЕКТС служба, а на ниту еден нема соработка со стопанството за дипломираните студенти полесно да најдат работа. Анкетата покажа дека на од вкупно 22 читални на факултетите , само три работат по 24 часа. На сите факултети има компјутери за студентите и тоа најмногу 63 компјутери, а најмалку 4. Што се однесува до капиталните инвестициите на факултетите најголемата сум во изминатите пет години изнесува 97.550.000 денари, а најмалата 0. На сите анкетирани факултети студентите плаќаат давачки за студентскиот парламент, што според болонската декларација не смее да се случи. Што се однесува до препишувањето дури 35% од студентите рекле дека ретко се исфрлани ако ги фатат како препишуваат на испит, а 25% често се исфрлани. Студентите рекле дека на 23% никогаш не и им е забрането повторното полагање на испитот ако ги фатат на препишување, а 25% дека ретко им е забрането. Дисциплинската постапка за препишувачите, според 37% од испитаниците ретко се спроведува, а 11% никогаш. Според анкетата во 51% од случаите студентите секогаш се идентификуваат на испит, а во 65% се предупредуваат да не препишуваат. Семинарските работи во анкетираните факултети се проверуваат за плагијаторство , но не се проверува дали се користени туѓи текстови без да се наведе соодветна референца. Најголем број 42% насто препишуваат бидејќи кој препишувале е претежок, а 41% затоа што професорот не е праведен. Истражувањето на МОФ, е резултат на два проекти: „Антикорупциска студентска мрежа“ и “Проектот слободен пристап до информации од јавен карактер“. Истражувањето во првата фаза беше спроведено од април до октомври, а втората фаза ќе продолжи до крајот на годината.
МОФ ги презентираше резултатите од истражувањата на Студентската програма
Младински образовен форум (МОФ), денеска, ги презентираше резултатите од истражувањата спроведени во текот на 2009 година во рамките на Студентската програма. Истражувањата се однесуваат на имплементацијата на Европскиот Кредит Трансфер Систем (ЕКТС) и истите беа спроведени на Универзитетот Кирил и Методиј – Скопје и Европски Универзитет на Република Македонија. “Од овие два проекти беше спроведено компаративно истражување за условите и квалитетот на имплементацијата на ЕКТС на државните и приватните факултети во Македонија. Користејќи го законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, како алатка за собирање на информации, МОФ изврши спогодбена анализа на состојбата во високото образование, со цел да се добие слика за промените по усвоените реформи и колку реалсноста одговара на условите кои ги диктира Болоњскиот процес” изјави Катерина Тодоровска, претсавник на МОФ. Според истражувањето на сите факултети функционираат студентските читални, односно постојат 22 читални од кои три работат по 24 часа, од МОФ апелираат да се отворат повеќе читални кои ќе работат подолго време. Најголем влог во капитални инвестиции во изминативе пет години имал еден факултет во износ од над 97 милиони денари, а најмал 0 денари. Резултатите од истажувањето на МОФ, укажуваат дека на само еден од седумте факултети постои ЕКС служба, додека на останатите таа функција ја вршат службите за студенстки прашања. Истражувањето покажало дека студентите не се и запознаени и со санкциите кои следуваат доколку се препишува на испит. Дисциплинската постапка за препишувачите, според 37% од испитаниците ретко се спроведува, а 11% никогаш. Според анкетата во 51% од случаите студентите секогаш се идентификуваат на испит, а во 65% се предупредуваат да не препишуваат. Заедничката слика од двете истражувања е добар индикатор за моменталната состојба во високообразовниот систем во Македонија, особено со оглед на фактот што овие истражувања опфаќаат два важни аспекти: транспарентност на факултетите и квалитет на студирање и образование, информираат од МОФ. Презентираните резултати се од истражувањето спроведено од април до октомври,а втората фаза ќе продолжи до крајот на декември. Автор: Нетпрес
Дом за секоја овца
Денес на платото пред УКиМ, седумдесетина мали овци успешно си го најдоа патот накај дома со помош на бројните студенти кои дојдоа да им помогнат, да се информираат, но и да се напијат цедевита.
Од име на стадото, би сакале да им се заблагодариме на сите кои присуствуваа на настанот и не поддржаа. Заедно ќе покажеме дека на ова стадо му е доста од стрижење!
Повеќе на Студентска Мрежа
Со секс ги плаќаат студиите

Имаш и девојки „за две тегли ајвар“, а имаш и елитни проститутки, за кои треба да се брцне подлабоко во џебот. Таков е ценовникот на станарките на студентските домови во Скопје, кои до плус пари доаѓаат со најстариот занает на светот, објаснуваат жители на домовите. Сите шушкаат како онаа од „соба таа и таа“ синоќа ја виделе долу пред врата како ја собира некој со „мерцедес“ кабриолет, а претходната вечер седела со добро ситуиран господин на средовечна возраст во еден доста угледен скопски ресторан. Причината најчесто треба да се бара во немаштијата, вели еден студентски функционер. - Реално и тие немаат избор, бидејќи најголем дел се од руралните средини, и не им останува ништо друго ако сакаат да си дозволат нормален живот во скап град каков што е Скопје. Затоа голем дел одбираат да бидат придружнички на некој богат господин или, пак, го продаваат телото за многу ниски цени на мажи од која било класа - објаснува Бобан Трајчевски, претседател на Сојузот на студенти при Филозофски факултет. Друга причина, велат други студенти, за некои нивни колешки да решат да си го продаваат телото е тоа што сакаат да бидат видени во високите кругови, односно да бидат придружба на некој богат господин, или модерно кажано „спонзоруши“. Но, според нив, тоа го прават и скопјанките, па не ги чуди што девојките од внатрешноста научиле нешто од нив. - Не е тоа од вчера дека има вакви нелегални активности. Јас сум сместен во „Пелагонија“ и со другарите сме забележале студентки како излегуваат доцна во ноќта, а пред врата ги чека некој и тоа најчесто со автомобили како „БМВ“ или некој луд „мерцедес“ - вели студентот Атанас Петревски. Последниве години проституцијата по домовите зема замав како ниска проституција, која се одвива во собите на домовите, каде што студентките се продаваат по мизерни цени, велат станарите. Самоил Малчески, претседател на Сојузот на студенти на Универзитетот „Кирил и Методиј“, признава дека има такви појави, но вели, не е во обем доволно голем за да се обрне поголемо внимание. - Знаеме дека постојат вакви нелегални активности, ама најверојатно тоа се 5 отсто од вкупниот број на студенти сместени таму, што не е толку масовно за да зборуваме за проституција. И во Скопје се прават такви работи, а сите се фаќаат за студентските домови - вели Малчески. МВР без уловМинистерството за внатрешни работи (МВР) воопшто не е зачудено дека има вакви појави, но според нивните податоци се уште немаат фатено ништо на дело, иако нивните служби вршат редовни контроли. Затоа МВР апелира до граѓаните доколку имаат сознанија за вакви дела тоа веднаш да се пријави во полициските станици, кои потоа ќе преземат соодветни мерки. Прекршителите кои се оддаваат на проституција може да заработат казни од 600 до 800 евра. Ема НИКОЛОВСКА-Шпиц
Етички кодекси против корупцијата
Европа не ги прима студентите од корумпирани образовни системи Проф. Стефан Хајнеман од Универзитетот во Тенеси, САДВо Македонија гостувате како учесник на Тркалезна маса за корупцијата во високо образование. Колку пред доаѓањето бевте запознати со проблемот на корупцијата кај нас? Внимателно ги слушав студентите со кои овде имав контакти, а кои зборуваа за своите искуства со корупцијата, кои не се поразлични од оние во другите делови на светот. Со проблемот на корупцијата активно се занимавам последниве десеттина година и таа е навистина многу распространета. Колку студентите успеваат да се отворат пред Вас? Ова зависи од тоа колку се богати, односно доколку можат да платат, тие за корупцијата не зборуваат како за проблем. Меѓутоа, кога тоа не е случај се отвораат и зборуваат. Според моите сознанија, корупцијата е многу поизразена на студиите за кои владее нагласен интерес, односно поголема е на правните отколку на математичките студии. Професионално сте биле ангажирани во 40 земји, па каде корупцијата е најизразена? Немам прецизни статистички податоци, но ако се ценат анкетите што ги спроведовме на тема корупција во 12 земји, таа е најизразена во африканските земји. „Транспаренси интернешенел“ излезе со свои списоци во кои предничи Централна Африка. Во истражувањата го обработувавме и прашањето колку често студентите плаќаат мито и под кои околности, па можам да ви кажам дека тука не постојат стриктни правила. Пред една година објавивме и истражување за тоа колкави се економските трошоци на државите, кои имаат корупција во високото образование. Во Молдавија, Хрватска, во Бугарија над 75 отсто од испитаниците изјавија дека имале искуство со корупцијата. Доколку над 50 отсто се изјаснат позитивно, тогаш за нас тој образовен систем не е добар. Направивме истражување и каков е односот на пазарот на трудот во однос на дипломците, кои доаѓаат од коруптивни факултети. Можам да кажам дека тие редовно се помалку платени од останатите. Во Казахстан и во Киргистан, каде што го правевме истражувањето, заклучивме дека се помали шансите тие да се вработат во меѓународни организации, бидејќи се знае од каков образовен систем доаѓаат и оти и тие плаќале за да ги положат испитите. Вработувачот сака да има систем на заштита и затоа тие земаат 25 отсто помала плата отколку нивните колеги од другите универзитети каде што корупцијата е мала или воопшто ја нема. Корупцијата може да ги погоди сите, бидејќи ако ни дојдат двајца дипломци од факултет за кој се знае дека е коруптивен, практично, цената ја плаќа и оној кој не давал поткуп за своето образование. Може ли тука нешто да промени Болоњскиот процес, кој налага поинаков вид образование? Да, Болоњскиот процес придонесе многу во намалувањето на корупцијата, бидејќи западните земји во моментот кога ќе дознаат дека еден образовен систем е коруптивен не ги признаваат ниту дипломите, ниту ќе бидат заинтересирани за трансфер на знаења. Оттаму, многу треба да се внимава. Кога на мојот универзитет во Тенеси, САД, би аплицирале студенти од земји познати по коруптивниот образовен систем, тие не би поминале. Постои ли корупција на Вашиот универзитет и ако ја нема, како го решивте тој проблем? Со сигурност ви тврдам дека на мојот универзитет корупцијата е рамна на нула, воопшто нема. А решена е многу едноставно - со потпишувањето на етичкиот кодекс кон кој професорите, а и студентите, мора строго да се придржуваат. Се потпишува секоја година и тој е рамен на закон, зашто оној кој не го почитува ќе биде отпуштен и никогаш повеќе нема да најде работа во образованието. Сите студенти на почетокот го читаат етичкиот кодекс и постојано се потсетуваат на неговите одредби. Ако некој се обиде да плати пари за оценка, тоа се смета за исклучително голем прекршок за кој следуваат санкции. Секој универзитет има и студентски суд, кој има можност да донесе пресуда. Како што може да биде избркан професор, тоа може да му се случи и на студент. Но, за нив има неколку вида санкции - ако признае дека погрешил ќе добие единица или „ф“, како што е кај нас оценката за паѓање на испит, потоа судот може да одлучи за период од еден семестар или една учебна година да го отстрани студентот, додека најстрогата опција е да го избркаат засекогаш. Студентскиот суд има авторитет и власт да влијае и на друг универзитет, но и да аплицира студентот на друг универзитет, кога таму ќе ги видат оценките ќе им биде јасно зошто бил отстранет. Дали начините на корупција секаде се исти? Во принцип да, но, сепак, во некои држави корупцијата подразбира само давање пари, а во други станува збор и за сексуални злоупотреби на студентите од страна на професорите, повторно со цел да се положи испитот. Ова второто е најчесто во Африка, но во Русија, на пример, се бара мито за прием на факултет и таму постои таканаречена приватна цена со која можете да се запишете на универзитет. Во Македонија, како што знам, можеби не е присутна толку паричната корупција, колку што образовниот систем ви е подложен на користење најразлични пријателски и други врски за да се положи испитот, што е, исто така, лошо и може да претставува проблем кога ќе сакаат да се вработат надвор од границите на вашата држава. Во Македонија давањето поткуп е кривично дело и за давателот и за примачот и оттаму луѓето тешко се одлучуваат да пријават. Кој е Вашиот совет за искоренување на корупцијата? Постојат две правила за санкционирање - кривичниот закон што вие го имате и професионалните стандарди што ги воспоставуваат факултетите. Студентскиот суд кај нас никого не може да го стави в затвор, но може засекогаш да го избрка од институцијата. Кај вас се неопходни промени за да излезете од корупција. Затоа, мој совет е да воспоставите етички кодекси, кои ќе бидат објавени во медиумите и во кои јасно ќе биде дефинирано што е корупција. Голема помош би имале и од формирањето студентски судови, кои би ги санкционирале студентите што даваат поткуп, како и суд на факултети што ќе ги казнува професорите. Без вакви промени тешко ќе се ослободите од корупцијата. Извор: Утрински Весник
<< 1 2 >> |
|
Members of the Anti-Corruption Student Network in SEE: |
|
|
| |
Albania |
| Albanian Student Government |
| |
Bulgaria |
| Youth Society for Peace and Development of the Balkans |
| |
Croatia |
| Monitor Statistica |
| |
Macedonia |
| Youth Educational Forum |
| |
Moldova |
| National Center for Transparency and Human Rights |
| |
Serbia |
| Belgrade Open School |
| |
|
|